Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против Е.Ш. поради постоење основано сомнение дека сторил едно кривично дело-Убиство од член 123 став 1 и едно кривично дело- Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 02.03.2019 година, на локалниот пат меѓу селата Шишево и Глумово, со полуавтоматски пиштол, со умисла го лишил од живот А.А.(22), а се обидел да го убие и Г.А.(36), двајцата од Шишево.
-На критичниот ден, тој со својот автомобил „мерцедес“ го попречил движењето на автомобилот „БМВ“ во кој се наоѓале двајцата оштетени заедно со уште едно лице – сведок на настанот и започнал вербална расправија заради претходно нарушени односи. Во момент кога еден од оштетените започнал да се враќа кон своето возило за да влезе, осомничениот му се приближил на кратко растојание и испукал кон него еден проектил од пиштолот, нанесувајќи му тешка телесна повреда во вид на прострелна рана. Потоа тргнал да се пресмета и со вториот оштетен. Сведокот се попречил меѓу нив, но осомничениот му наредил да се тргне. За тоа време, оштетениот започнал да бега, па осомничениот се стрчал кон него и испукал повеќе проектили, нанесувајќи му две огнострелни повреди во пределот на грбот. Како последица на овие повреди, оштетениот починал непосредно по приемот во болница, велат од ОЈО.
По настанот, обвинетиот се дал во бегство и една година беше недостапен на органите на прогонот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештите лица, како и да го повтори делото.