Поголемиот дел од 217 патници и членови на екипажот на брод кој кон средината на март тргнал на крстарење до Антарктикот се позитивни на коронавирус, пренесува уругвајскиот „Ел Паис“.
На Австралијците и Новозеланѓаните на бродот наскоро ќе им биде дозволено да слезат од него.
Уругвајските власти дозволија евакуација на државјаните на Австралија и Нов Зеланд од бродот на кој скоро 60 проценти од тестовите за вирусот, направени врз 217 патници и членови на екипажот, се покажале позитивни.
Како што посочи министерот за надворешни работи на Уругвај, Ернесто Талви, авион со државјаните на Австралија и Нов Зеланд ќе полета во четврток.
Другите патници ќе останат на бродот, пренесува „Ел Паис“.
Бродот „Грег Мортимер“ на 15 март тргнал на крстарење до Антарктикот, но од почетокот на април е закотвен на брегот на Уругвај, бидејќи тамошните власти повеќе пати одбиваа да им дозволат на патниците да слезат.
Работите се промениле кога шест патници морало итно да бидат пренесени во болницата затоа што им била потребна посебна медицинска помош.