Холандската фудбалска федерација која најави прекинување на сезоната брзо се премисли по заканата од УЕФА и на состанок одржан преку видеоконференција донесе одлука првенството да продолжи на 19 јуни. Челниците на УЕФА соопштија дека доколку домашните првенства не се одиграат до крај, тогаш нема ниту еден клуб од тоа првенство да игра во европските купови.
Планот во Холандија е фудбалерите да се вратат на тренинзи до 15 мај, кога би тренирале одвоени во помали групи. По 14 дена, односно најдоцна до 29 мај, тренинзите треба да се одвиваат нормално, сите фудбалери да бидат во една група.
Можно е да се случи да има мечеви и пред 19 јуни, односно да се одиграат заостанатите мечеви меѓу Утрехт – Ајакс и АЗ Алкмар – Феенорд, а потоа би продолжиле сите осум кола до крајот. Шампионатот би требало да заврши до крајот на јули, а планот е сите натпревари да се играат пред празни трибини.