Аптеките, едни од ретките отворени објекти во Шпанија, се соочуваат не само со коронавирус туку и со крадци, предупредуваат аптекарските здруженија.
Иако стапката на криминал значително опадна во Шпанија, бидејќи 47 милиони луѓе се собираат во своите домови за да избегнат ширење на коронавируси, овие мали објекти, единствени што се отворени покрај продавниците за храна, биле цел на зачестените кражби во последните денови.
Леополдо Гонзалез, претседател на фармацевтското здружение во јужната провинција Андалузија, се пожали на телевизија ТВЕ дека неговите колеги биле жртви на грабеж во последните неколку дена.
Пред два дена шпанската полиција објави на својата веб-страница дека во Мадрид уапсила двајца крадци на аптека во посиромашната населба Карабанхел, во јужниот дел на градот. Бегајќи со пари на улица, налетале на полицаец, кој се обидел да ги запре, но му се заканиле со нож.
Полицајците кои пристигнале на помош на колегата ги пронашле и ги уапсиле. Истрагите на полицијата откриле дополнителни осум слични кражби во аптеките во Мадрид.
Луис Гонзалез, претседател на Фармацевтската асоцијација во Мадрид, вели дека не станува збор само за кражба на пари. „Тие крадат, мислејќи дека можат да земат санитетски материјал како заштитни нараквици и маски“, рече Гонзалез за „Ла Секста“.
Полицискиот инспектор Серафин Џиралдо вели дека на полицијата и било наредено да патролира за да се избегнат грабежи на аптеки. Полициските автомобили често кружат низ напуштените улици, проверувајќи дали жителите се во карантин.