Нелоски: Предлагаме осум мерки за решение на проблемите на угостителите

Интегрален текст од прес конференција на Владимир Нелоски, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

„Пандемијата која на светско ниво зазема огромни размери и не ја изостави ниту Македонија, покрај здравствениот систем и здравјето на граѓаните ја руши и економијата, која и онака беше слаба и не втурна во економска криза.

Ситуацијата во стопанството и кај компаниите е драматична и алармантна. Стопанствениците и компаниите очајно бараат помош од Владата, а за жал таа е глува и нема на нивните барања. Ние како опозиција дадовме во неколку наврати сет мерки за решение на кризата, но поради суетата на Владата истите не беа ни разгледани.

Сега дојдовме во ситуација каде што секојдневно се отпуштаат илјадници вработени од приватниот сектор. Последните анкети и статистики велат дека над 160.000 граѓани се отпуштени од работа како резултат на економската криза која настана сега, а за тоа директно се виновни единствено економскиот тим на СДСМ и Владата.

Вчера, како најпогоден сектор угостителскиот, јавно порачаа дека не им е неопходна помош и дека се принудени да отпуштат десетици илјади луѓе од работа. Угостителите беа први на удар од пандемијата и беа затворени со законска уредба на Влада.

ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно презентира мерки за спас на угостителскиот сектор и вработените во него да не останат без своите работни места, а од Владата очекуваме да бидат прифатени. Овие мерки ќе бидат доставени и до Владата преку институционалните канали и очекуваме да бидат прифатени.

Бараме:

  1. Да им се помогне на компаниите од угостителскиот сектор со 50% од бруто платата која ја исплаќаат за секој еден вработен за месеците МАРТ, АПРИЛ и МАЈ.
  2. Кириите за угостителските објекти се голем дел од трошоците на угостителите. Веднаш Владата да донесе законска одлука каде што угостителите кои имаат објекти под закуп што се под јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор или било која државна институција да бидат ослободени од плаќање на кирија за месеците МАРТ, АПРИЛ и МАЈ.
  3. Да се најде институционален начин, угостителите кои имаат под закуп објекти кај приватни закуподавачи да плаќаат барем половина од месечната рата односно кирија, односно 50%, за месеците МАРТ, АПРИЛ и МАЈ. За оваа мерка ги замолуваме за разбирање и закуподавачите заради сведениот обем на работа на нула.
  4. Сите угостителски објекти да бидат целосно ослободени од плаќањето на закупот за летни тераси за целата летна сезона 2020. Ова ќе биде сериозна инјекција за угостителскиот сектор кој користи летни тераси за побрзо да ја надмине оваа криза.
  5. Јавните давачки кон државата, тука влегуваат ДДВ, аконтации за ДДВ, данок на добивка и други давачки, да бидат одложени до 10-ти месец 2020 година, односно до октомври месец и потоа да се наплаќаат на рати без затезни камати од страна на државата. Никој нема да биде оштетен ниту фирмите ниту државата, а ќе има сериозна помош за угостителите.
  6. Режиските трошоци за угостителските објекти, трошоци за струја, вода и останатите, кои ќе доспеат за месец МАРТ, АПРИЛ и МАЈ, да се одложат за плаќање од 10-ти месец 2020, односно да се плаќаат од месец октомври на рати.
  7. Да се намалат критериумите за аплицирање на мерки за помош од државата за угостителите, бидејќи вака како што се условите само 10% од угостителските компании можат да ги искористат. Тука вклучително бараме мерките да може да ги користат и оние компании кои користат субвенции од АВРМ.
  8. Веднаш треба да се интервенира со одлука за вадење на неопходните документи за аплицирање за мерките, да се вадат во најбрз можен рок електронски, без чекање по шалтери и сето тоа да биде на трошок на државата, односно бесплатно за компаниите од угостителскиот сектор.

Ова се мерките кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ за спас на 30.000 угостителски работници. Очајно се потребни и неопходни се веднаш да се прифатат.

Јунаците на мака се познаваат. Лесно е им е на оние бизнисмени со државни тендери кои се доделени директно од брат или некој роднина кој е премиер или државен функционер во Владата на СДСМ. За жал сите останати компании се оставени сами на себе.

На овие луѓе и на стопанството сега му е потреба помош повеќе од било кога. Прифатете ги овие мерки, без разлика што ги предлагаме ние како опозиција. Ова се реални мерки, кои голем дел беа предложени од наша страна уште пред почетокот на економската криза, а сега се и допрецизирани за угостителскиот сектор. Прифатете ги, за да не останат 30.000 луѓе без работа.

Ве молам, ВМРО-ДПМНЕ ве замолува мислете на овие луѓе, тие се наши сограѓани, роднини, пријатели кои работат во угостителството и туризмот. Сите тие издржуваат свои семејства. Затоа да спасиме работни места. Прифатете ги мерките предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави