Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, побара денес да не се политизира пандемијата на коронавирусот кога американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера ја обвини агенцијата на ООН дека е премногу блиску до Кина и дека лошо управува со кризата.
„Не политизирајте го вирусот. Нема потреба да се користи Ковид-19 за собирање политички поени“, одговори тој на онлајн прес-конференција на новинарско прашање за обвинувањата од Трамп.
„Имате многу други начини да се докажете“, додаде тој и повика да се избегнува играње со оган.
„Ве молам, политизирањето на Ковид-19 ставете го во карантин“, рече Гебрејесус.
Трамп вчера изјави дека СЗО е премногу блиска до Пекинг.
„Се чини дека сè оди во прилог на Кина, тоа не е прифатливо“, рече Трамп заканувајќи се дека ќе го прекине американското финансирање за СЗО.