Во контекст на правилно спроведување на мерките и препораките за заштита, превенција и спречување на ширење на корона вирусот КОВИД-19, Општина Кисела Вода обезбеди мобилен тим кој ќе им помага на ранливите категории граѓани за време на викендот. Имено, во сабота и недела, во периодот од 09:00 до 13:00 часот, лицата со попреченост/инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица, и сите останати жители со одредени хронични болести, кои имаат неопходна потреба од некаква помош како набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена, можат да се јават на телефонскиот број 072/314-976
“Услугата е обезбедена од страна на Општина Кисела Вода и доставата ќе биде бесплатна.
Воедно, ве информираме дека за време на викендот, односно во сабота и недела, дежурна аптека ќе биде аптеката “Зегин”- Драчево 1, лоцирана на ул. Димитрија Чуповски бр. 68 во населбата Драчево. Телефонскиот број на ова аптека е 078/478-204. Истата ќе биде отворена од 07:30 до 15:00 часот.
Сакаме да ве известиме и дека Општината работи со изменето работно време-од понеделник до петок, од 08:00 часот до 13:00 часот.
Потсетуваме дека од денеска во 16:00 часот стартуваат дополнителните мерки за ограничување на движењето на граѓаните на ниво на целата територија на државата, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. За време на викендот, пак, се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата. Дополнително, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. За младите лица до 18 години забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години. За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Уште еднаш апелираме за совесно однесување и доследно почитување на Владините препораки. Се работи за нашите животи.