Извозот на јагнешкото месо од Гостиварско е преполовен поради состојбата со коронавирусот. Се очекува и намален профит со оглед дека цената на килограм жива мера во споредба со лани е намалена за 20 до 25 денари .
За да се постигнат нарачаните количини за извозниот шпиц, во гостиварската кланица, дневно се обработуваат околу илјада јагниња. Најголемиот дел од јагнешкото ќе се испорача на италијанскиот пазар до крајот на неделата.
Од најголемиот кланичен капацитет во полошко ИКЛ „Горни Полог ГВ” велат дека има забалежителен пад во работењето, кое како што велат се должи на мерките кои ги наложи пандемијата.
– Капацитетот на кланицата за два па дури и трипати поголем, но актуелната состојба нé ограничи. Годинава имаме нарачка за околу 30 илјади јагниња. Тоа е за двојно помалку, бидејќи претходно извезувавме и до 60 илјади.
Иако нашето јагне е деликатесно и е барано од италијански потрошувачи, сепак кризата не ги помати нашите очекувања, велат од ИКЛ „Горни Полог ГВ”
Освен намалениот извоз, дополнителен проблем е и цената на јагнешкото. Кризата што ја зафати Италија ја обори цената, па тамошните откупувачи плаќаат по пет евра за еден килограм. Што според кланичарите не ги исполнува очекувањата.
Јагнешкото во гостиварската кланица е главно од локалните сточари, но откупуваат и јагне од други краеви на земјава
Сточарите за добиваат 100 до 120 денари за килограм јагнешко месо жива мера, во зависност од категоријата. Првата категорија јагне (до 20 килограми), се плаќа 120 денари за килограм, за потешко од 20 килограми 110 денари, а за покрупните по 100 денари за килограм.
Откупот на јагниња и оваа година поминува и во знакот на калкулациите на сточарите кои ги чекаат последните денови, надевајќи се дека цената ќе се покачи. Од гостиварската кланица, велат дека цената е фиксна и таа зависи од договорите со италијанските партнери.
За да се намалат штетите и ублажување на проблемите со откупот на јагнето што ги предизвика кризата од коронавирусот, Владата донесе одлука за финансиска поддршка.
-Вкалкулирано со основната мерка од 1.000 денари за обележани грла овци, со сегашното зголемување за подмерката за задржано женско јагне од 1.500 денари по грло, одгледувачите на овци ќе добијат вкупна финансиска поддршка во висина од 2.500 денари за женско јагне, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во просек, земјава секоја година извезува по околу 200.000 јагниња за Италија. Втори, но далеку помали пазари се Хрватска и Грција. Вообичаено шпицот на пласманот е пред или за време на велигденските празници.