Последиците од пандемијата на коронавирусот врз туризмот, перспективите за претстојната сезона, но и плановите за следната година, беа дел од темите за кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис разговараше со надлежните министри и претставниците од Здружението на грчките туристички претпријатија, јави дописничката на МИА од Атина.
-Многу добро знаеме дека важно ќе биде влијанието на кризата врз туризмот. Нашата цел за 2020 година е да ги ограничиме, колку е можно, негативните последици, земајќи предвид дека нашиот корисен производ има една специфичност, најголемиот број посетители доаѓаат во Грција во јули, август и септември, рече Мицотакис.
Тој, сепак истакна дека е особено важно што земјата успеала за време на справувањето со здравствената криза, да изгради доверба, за која изрази верување дека „ќе овозможи да формирање на колку е можно подобра стратегија за да се спасиме, она што може да се спаси од овогодинешната сезона, но и да се постават темелите за подобра сезона во 2021 година”.
За време на состанокот, одржан преку видеоконференција, била оценета актуелната ситуација во туризмот и било истакнато дека приоритет на владата е да ги ограничи, колку што е можно, негативните последици и да ги поддржи туристичките бизниси и вработените, но и да се испланираат следните чекори, по завршувањето на пандемијата.