– Истражувачкиот центар Џејмстаун од Вашингтон синоќа беше прогласен за „непожелна организација” од страна на руските власти, со што на фондацијата целосно и се забрануваат дејности во Русија.
Москва досега има прогласено десетици странски организации за непожелни.
Според изјава на државното обвинителство на Русија, публикациите на фондацијата наведуваат на „разгорување сепаратизам” во некои руски региони како Северен Кавказ, јави Гласот на Америка. Според обвинителството, „дејноста на Џејмстаун фондација го загрозува уставниот поредок и безбедноста” на Русија.
Некои американски медиуми упатиле прашање до фондацијата дали работела во Русија, но не добиле одговор.
Според Законот за непожелни организации, донесен во 2015 година, на десетици странски фондации им е забраната работата во Русија.
Така на пример во март, за непожелна беше прогласена Европската фондација за демократија (European Endowment for Democracy), лани в август за непожелен беше прогласен и Атлантскиот совет (Atlantic Council), влијателен истражувачки центар од Вашингтон. Претходно за непожелни беа прогласени и Националниот фонд за поддршка на демократијата (National Endowment for Democracy), Фондацијата отворено општество (Open Society Foundations) и многу други организации од САД, Канада, Велика Британија, Чешка, Романија, Латвија, и други меѓународни структури.
Москва е обвинета од Запад дека го користи тој закон, но и Законот за „странски агенти”, за изолација и постојан притисок врз опозицинерите и другите граѓански активисти во земјата.
Руските власти тоа го негираат и велат дека овие закони се потребни за заштита на националната безбедност од „странско мешање”.