Андреа Бочели ќе пее во празна катедрала на Велигден

Еден од најпознатите светски тенори, италијанскиот оперски пејач Андреа Бочели, ќе пее на Велигден во празната катедрала „Дуомо“ во Милано, а концертот, според најавата, треба да биде симбол на љубовта, заедништвото и заздравување во ерата на коронавирусот и ќе се пренесува преку интернет.

Бочели ќе го придружува само катедралниот оргулист Емануеле Вијанели и заедно ќе изведат дела од сакрална музика, вклучувајќи ја и „Санта Марија“ од Пјетро Маскањи.

Концертот ќе се емитува на јутјуб-каналот на Бочели.

„Чест и задоволство ми е што бев поканет од Градот и од катедралата. Верувам во моќта на групната молитва, верувам во Велигден, универзален симбол на повторното раѓање, што сега ни е потребно на сите, и на верниците и на оние што тоа не се“, рече славниот тенор.

Италија сè уште има најголем број смртни случаи на коронавирус, повеќе од 17.000, а особено тешко беше погодена Ломбардија, регионот чиј главен град е Милано.

„Оваа година Велигден ќе биде поинаков од вообичаеното. Сигурен сум дека извонредниот глас на Бочели ќе може да го загрее срцето на Милано, Италија и на светот“, рече градоначалникот Џузепе Сала.

Треба да знаете
Последни објави