Словенечки лингвисти веќе работат на мал „корона-речник”, за да „се поправат” англизмите и другите туѓи зборови кои се вметнуваат во јазикот за време на пандемијата на Ковид-19, социјалната оддалеченост, физичкото растојание и самоизолацијата.
– Не седиме со скрстени раце деновиве, и имаме многу работа со новите зборови што продираат во словенечкиот јазик заедно со смртоносниот вирус, вели д-р Козма Ахачич – директор на Институтот за словенечки јазик за весникот „Словенске новице”.
Притоа, јазичарите бараат и помош од граѓаните, кои можат да им испраќаат свои предлози преку академската платформа „Фран”.
Така, од позанимливите предлози, стручњаците ги издвојуваат „коронски вирус” како алтернативен поим за коронавирусот и „коронавреме” како замена за „корона-епидемија”. Натаму – англискиот сленг „коронаидиот” би се превел како „коронабедак” (што на македонски би се превело како „корона-глупак”), а оние коишто, напротив, ги почитуваат прописите за физичко растојание, би се нарекле „коронајунаци”.
– Други предложени сложенки со зборот „корона”, се: короназакон, коронапаника, коронапакет, противкоронски мерки и слични изрази, вели д-р Ахачич.
На интернет-страницата на Институтот веќе се објавени неколку статии и научни трудови на оваа тема.