Дванаесет пациенти се во критична состојба и се на респиратори, а притвореникот од затворот во Шутка, кој починал вчера е утврдено дека имал коронавирус, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, на Инфективната клиника критично се седум пациенти, од 20 колку се во потешка состојба на клиниката, каде се сместени 68 пациенти. Меѓу нив се и мајката од Кочани со четиримесечното бебе, но тие се во добра здравствена состојба. Бебето дише нормално, но има осипи, во склоп на инфекцијата, а послаба му е и крвната слика. За него се грижат педијатри и му е одреден специфичен начин на исхрана.
Во болницата „8 Септември“ од дваесет пациенти, петмина се критични и на респиратор.
Во однос на починатиот притвореник од „Шутка“ тестот покажал дека е позитивен на коронавирус, иако починал од срцев удар. Тој немал симптоми на болеста и бил примен на 8 март во притвор.
Во тек се епидемиолошки анкети на сите оние што биле во близок контакт со него и резултатите ќе бидат објавени по завршените анализи.Одговарајќи нановинарско прашање, Филипче рече дека нема информација дека ова лице претходно било во друга институција, односно дали се работи за истото лице за кое во некои медиуми се појави информација дека бил во затворот Идризово.
Се очекуваат резултатите од земените брисови на штитениците во Старскиот дом „Сју Рајдер“ во Битола, кои се тестирани откако кај еден 86 годишен пациент е потврдено дека е позитивен на КОВИД-19. Инаку тој бил примен во Домот на 18 март, во редовна процедура без да му биде направена епидемиолошка анкета, а неговата внука неколку дена претходно се вратила од Германија. Првите симптом се појавиле на 4 април, па со зголемена температура бил префлрен на лекување во битолската Болница.
Во изминатото деноноќие се потврдени 46 нови случаи на Ковид 19. Со ова бројката на дијагностицирани случаи во државата е 663 лица. Новопотврдените случаи се во градовите: Скопје –12, Куманово – 13, Прилеп – 8, Тетово -1, Струга – 2 , Велес – 8, Кочани – 1, Пробиштип – 1.
Во изминатото деноноќие направени се 341 тест. Досега во земјата се направени 6.571 тестирања на Ковид-19.