Грчкиот кошаркар и МВП од минатата сезона во НБА, Јанис Адетокунбо, откако претходно донираше 20.000 маски, сега, во име на неговото семејство им се заблагодари на здравствените работници, односно, на како што рече „новите наши херои” и ги повика сите да останат дома, јави дописничката на МИА од Атина.
-Како семејство, чувствуваме потреба да им се заблагодариме на сите наши нови херои, на лекарите, медицинските сестри, на сите оние кои го ризикуваат нивното здравје, за што е можно побргу да се вратиме во нормала и да им се вратиме на луѓето кои ги сакаме. Да знаете дека ни давате сила и дека овој чин на саможртвување е бесценет дар што ќе не следи засекогаш. Пријатели, ајде и ние да ја извршиме нашата должност. Остануваме дома за да ја направиме полесна работата на нашите херои. Бидете сите силни. Со љубов, семејството Адетокунбо, напиша Јанис на неговиот официјален „Твитер” профил.
Браќата Адетокунбо, завчера донираа по 10.000 медицински маски за атинската општина Зографу и за Организацијата за култура, спорт и млади на Општина Атина
За донациите информираа од општините.
-Делото на семејството, освен нивната суштинската понуда за жителите на Зографу, ја покажува и тесната врска што ја имаат Танасис, Јанис, Костас и Алексис со градот во кој живееа многу години, но и со екипата „Филатлитикос”, каде што ги направија првите чекори во кошарката, соопштија од општина Зографу и објаснија дека 10-те илјади маски ќе бидат наменети за општинските служби, но и за ранливите групи граѓани од општината.