Руските компании треба да го зголемат производството на медицинска опрема за 25 пати во мај, согласно државниот налог и план, соопшти денеска заменикот министер за индустрија и трговија на Руската Федерација, Олег Бочаров.
– Компаниите го зголемуваат производството на медицинска опрема, како што беше во Втората светска војна. Планот за април е да се зголеми производството за осум пати, за 25 пати во мај и во јуни за 30 пати, рече Бочаров за време на посетата на Уралниот оптички и механички комплекс во Екатеринбург.
Тој најави дека ќе биде потпишан договор за формирање конзорциум на производители на медицинска опрема, чија задача е да создаде линија на домашна опрема во сите критични области, заснована на единствена дигитална платформа.
Според официјалните бројки, вкупниот број заразени во Русија е 11.917, излечени се скоро 800, а 94 починале. Во последните 24 часа, бројот на потврдени случаи е зголемен за 1.786, 18 починати, а 97 се отпуштени од болница. Повеќето пациенти се во Москва – 1124. Во главниот град, повеќе од половина од новите пациенти се луѓе под 45 години.