– Со кревање на шпанското знаме пред зградата на Министерството за надворешни работи на Грција и на грчкиот Парламент, Грција изразува солидарност и поддршка со Шпанија за пандемијата на Ковид-19, на ист начин како што минатата седмица изрази до Италија, јави дописничката на МИА од Атина.
-Драги пријатели од Шпанија, во овие тешки моменти не сте сами, мислите на цела Грција се со вас во оваа битка што ќе ја добиеме заедно, рече шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на скромната манифестација во Министерството за надворешни работи на Грција.
Во присуство на Дендиас, на амбасадорот на Шпанија во Атина, Претседателот на грчкиот Парламент и алтернативниот шеф на грчката дипломатија, под звуците на химните на двете земји беше кренато шпанското знаме, кое че се вее во следните три дена, заедно со грчкото и она на Европската унија како на зградата на Министерството, така и на Парламентот.
-Длабока е нашата тага, бидејќи над 15.000 мои сонародници го загубија животот од вирусот, особено стари луѓе. Но, Шпанија не губи надеж. Други 15.000 луѓе се излечени од болеста, најголем број во светот по Кина. Неодамнешните податоци сугерираат дека можеби ќе навлегуваме во нова фаза во која бројот на случаи и на смртни случаи се стабилизира, па дури и опаѓа, додека бројот на оние што се лекуваат продолжува да расте, рече амбасадорот на Шпанија во Грција Енрике Вигуера.
Министерот за надворешни работи на Грција рече дека актуелната криза е најголема по Втората светска војна, со која се соочуваат генерациите во Европа, но истакна дека не смее да се заборави дека „од пепелта од војната произлезе амбициозен експеримент на Европската унија”.
-Време е да се стори неопходното, за да ден по кризата Унијата да биде на ниво на специјалните околности, да излеземе посилни од кризата, да излеземе обединети од кризата. Ова значи дека никој да не остане зад нас. Ниту една држава, ниту еден граѓанин, ниту една жртва. Да ги имаме зајакнато темелите на нашиот заеднички европски дом, изграден со значајни материјали, од кои најнеопходниот- солидарноста постоеше отсекогаш, рече Дендиас.
Со одлука на претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас, од денеска, па во следните три дена, освен што шпанското знаме ќе се вее заедно со грчкото и она на ЕУ, секоја вечер, зградата на Парламентот ќе биде осветлен во националните бои на Шпанија.
Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, на Твитер ја сподели веста за кренатото шпанско знаме на грчкиот Парламент и напиша дека „со солидарност и сила сите заедно ќе го надминеме ова”.