И покрај повиците на експертите сите да останат дома за време на пандемијата за да се заштитат од коронавирусот, млади сурфери се собраа на плажите во Рио де Жанеиро за да ги фатат брановите, пренесува „Њујорк пост“.
Поради ова, многу љубители на спортот на вода ќе мора законски да одговараат, а еден од нив е Гулерме Фарија (22), кој сурфал на плажата Копакабана кога полицаец со свирење го извлекол од водата. Наскоро бил приведен во станицата.
„За жал, сурфањето сега е кривично дело. Се надевам дека нема да добијам кривична пријава за оваа глупост“, рече тој.
Неколку часови подоцна, дури и со закана од парична казна, Гулерме продолжил да сурфа со своите пријатели.
Но, младиот сурфер не е единствениот кој ги игнорира апелите на експертите. Илјадници други жители на Рио кои уживаат во спорт на отворено продолжиле да џогираат, да возат велосипед, или да шетаат.
„Њујорк пост“ пренесува дека шеталиштето на градскиот брег е полно со луѓе кои се шетаат додека групи велосипедисти возат по градските патишта што стигнуваат до планината.
Уште на 17 март, градските и државните службеници ги повикаа граѓаните да останат дома, затворајќи ги плажите и градските паркови сè додека не стивне пандемијата на вирусот корона.