Предлог мерки за помош на спортистите, спортските работници, клубовите и вработените во спортските федерации и објектите за спорт поради пандемијата со вирусот Ковид – 19

Интегрален текст од прес конференција на Влатко Неделковски

„Jа поздравуваме намерата на владата за помош и олеснување на состојбата во спортот како последица на пандемијата со вирусот Ковид 19 кај нас. Во оваа прилика нудиме дополнителен опсег на мерката минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај, затоа што сметаме дека мерката е рестриктивна со недоволен опфат, и без финансиска рамка и премногу оптоварена со административни процедури. Со цел опфаќање на поголем број на чинители во спортот кои со уредбата на владата не се опфатени предлагаме олеснување на процедурите за добивање на средствата со цел спречување на собирање на голем број на документи и потврди, а имајќи ги во предвид условите за работа како на клубовите така и на федерациите.

Предлагаме АМС средствата да ги исплаќа до матичните федерации, а секоја федерација до спортистите и спортските работници врз основа на список доставен од клубовите, а со претходен увид во базата на регистрирани играчи, тренери, контролори и судии за натпреварувачката 2019/20 година.

Со нашиот предлог мерки сакаме да дадеме сигурност на сите спортски субјекти. Воедно нашите предлог мерки се димензионирани со конкретна финансиска рамка од околу 2.000.000 евра и со конкретен број на опфатени спортисти и спортски работници околу 4.200. Средствата би се црпеле од буџетот на Агенцијата од фондот во кој се слеваат средствата од игрите на среќа и електронски апарати. Имено во моментов на оваа сметка има 1/2 милион евра, а до 15 мај во овој фонд ќе има речиси 1 милион евра што е доволно за првата исплата за месец април. За втората исплата во јуни за платите во мај месец предлагаме со уредба на влада да се префрлат уште еден милион евра од ставката капитални инвестиции, поради евидентната неискористеност на овие средства во овој период. По нормализацијата на состојбите и новиот прилив на средства во овој фонд овие еден милион евра би биле вратени за капитални инвестиции и би биле во функција во периодот од септември до крајот на 2020 година.

Овие мерки ќе ги опфаќаат сите спортски екипи кои што се натпреваруваат во соодветниот систем натпревари на нашите федерации. И тоа:

  • Сите прволигашки екипи во фудбал (М) каде што би добиле по 30 минимални плати за тренери, доктори, играчи и физотерапевти – Фудбал (Ж) 20, ракомет 20, кошарка 20 и одбојка 20 (М)(Ж)
  • Во делот на второлигашки екипи во фудбал би имало 20 минимални плати, ракомет 15, кошарка 15 (М), или вкупно 2.350 спортисти, тренери, доктори, физиотерапевти.

 

Од бројот на минимални плати по клуб минимум 70% од средствата мора да бидат за исплата на плата на играчите, а останатите 30% за тренери, доктори, физиотерапевти и администрација.

 

Понатака тренери во младински спортски школи кои што не се дел од претходно зафатените клубови кои што се основа на масовноста на нашиот спорт би биле поделени 700 минимални плати, лица вработени во спортски федерации 350, судии и службени лица од највисок ранг и кои со мерката не се опфатени 300. Сите индивидуални спортисти на кои државата има издадено ваучер околу 300. Нивните тренери односно тренери на индивидуалните спортисти 100. И лица вработени во приватни спортски објекти кои што исто така се засегнати со вирусот и оваа состојба во нашата држава околу стотина.

 

Распределбата на средствата за судии, контролори, тренери во индивидуален спорт и вработени во федерациите би ги одлучувала секоја матична федерација за својот спорт одделно.

 

Исто така би сакале да дадеме дополнителни индиректни мерки, да ги предложиме до Владата:

  • На сите третолигашки екипи во фудбал, општините каде што се организирани и регистрирани клубовите да им исплатат средства во висина на добиениот спортски ваучер за 2020-та година. Оние клубови кои што до крајот на годината ќе го реализираат истиот ќе имаат обврска истите средства да ги вратат во буџетот на општините.
  • Дополнително на сите клубови или спортски школи кои што користат државни или општински спортски објекти, со уредба со законска сила договорите да им бидат продолжени по автоматизам до крајот на 2020-та година и да бидат ослободени од закупнина до месец септември 2020.

 

 

Почитувани,

 

Ова е време кога засегнатите федерации и клубови треба да седнат и да се договорат за идните насоки за развој на спортот во следните неколку години. Многу работи во иднина нема да бидат исти и овој период треба да се искористи за прилагодување на ситуацијата, можностите и потребите на македонскиот спорт.

 

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија е подготвена преку својата партиска комисија и како преку и стратешките соработници на претседателот да даде свој придонес со предлози и решенија во интерес на спортот.

 

Со овие дополнителни мерки вистински ќе се помогне на најголемиот дел од спортските субјекти кои по завршувањето на оваа криза уште долго ќе ги трпат последиците кои неминовно ќе постојат кај економските субјекти поддржувачи на спортот.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави