Шефот на Европскиот парламент задоволен од договорот за економски одговор на кризата

Претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли, го поздрави договорот на министрите за финансии за економски одговор на последиците од пандемијата на коронавирус.

„Бевме во право што верувавме во Европа. Предлозите од Еврогрупата се одвиваат во вистинската насока, со трансформација на Европскиот механизам за стабилизација (ЕСМ) во механизам за спасување на Европа од Ковид-19“, изјави Сасоли.

Министрите за финансии на ЕУ успеаја во втор обид да постигнат договор за економски одговор на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус. Договорот вклучува краткорочни и долгорочни мерки. Сите земји членки се согласуваат за краткорочните мерки – кредитни линии на Европскиот механизам за стабилизација, фондот за гаранција на Европската инвестициска банка и програмата за поддршка на скратено работно време SURE.

Вкупно 540 милијарди евра – 240 милијарди евра од ЕСМ, 200 милијарди евра од гарантниот фонд на ЕИБ и 100 милијарди евра од програмата SURE.

Сасоли исто така ја поздравува најавата за формирање фонд за обнова, кој ќе биде „финансиран со иновативни алатки“.

Фондот за закрепнување е една од долгорочните мерки што треба да ѝ помогнат на економијата откако ќе заврши пандемијата. Детали за ова и за тоа како ќе се финансира допрва треба да се договорат.

Треба да знаете
Последни објави