Велешанката која заедно со својот син беа пронајдени мртви во нивниот дом во Велес пред неколку дена била позитивна на Ковид 19, објави Алсат-М.
Извори на Алсат велат дека 79-годишната жена од семејството Маноилови починала како резултат на вирусот, додека нејзиниот син, кој исто така бил пронајден мртов, бил негативен на тестирањето.
Соседите од зградата во која живееше семејството Маноилови го пријавиле случајот како резултат на лошата миризба од станот. Според нив, двајцата членови на семејството последен пат биле забележани пред новогодишните празници.
Од Основното обвинителство од Велес велат дека обдукцијата на жртвите завршила и оти сега се чека токсиколошката анализа. Соседите велат дека институциите не спровеле епидемиолошки анкети со жителите на зградата.
Случајот предизвикува сомнежи дали можеби вирусот КОВИД -19 е активен уште од декември, за што се дискутираше и на тогашниот состанок на Комисијата за заразни болести.