По добиена дојава за испуштање на загадувачки материи во река Вардар од одводниот канал во населба Гази Баба – Скопје, од страна на Државниот инспекторат за животна средина извршени се повеќе вонредени инспекциски надзори.
Како што се наведува во соопштението, во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се вливаат: фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација; атмосферски води од кровните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација; атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација. Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, ПЗУ Ре-Медика и ЈЗО Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колекторот кон реката Вардар со канализациони приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешен објект од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар.
„Согласно горенаведеното, прво е извршен визуелен увид во 12:30 часот, на река Вардар, на горенаведената локација при што се констатира дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во реката се губи. За време на увидот направена е фото-документација. Потоа е извршен вонреден инспекциски надзор во комплексот Железара, во правни субјекти кои подлежат на А-Интегрирани еколошки дозволи кои се во надлежност на Државниот Инспекторат за животна средина, и тоа:
Во 13:00 часот во правен субјект Либерти АД Скопје, при што се констатира дека работат погоните Лужилница, Пластификација и Поцинкална. Присутните лица од Либерти АД Скопје изјавија дека во производствениот процес немале никакви проблеми и инциденти. Согласно динамиката на земање проби од отпадната вода и вршење на анализи во сопствената лабораторија во 10:00 часот од излезниот базен 4 земена е вода за испитување и PH изнесува 6,85, а Fe е 4,86 мг/л и тие се во граничните вредности.
Од страна на Државниот Инспекторат за животна средина беше наложено веднаш да се земат проби од излезен базен 4 и од AGW1 –шахта која потоа оди во одводниот канал и веднаш да се направат анализи на PH и Fe во сопствената лабораторија како и трите земени проби во 10:00 и 13:00 часот да се однесат на испитување во акредитирана лабораторија со сите параметри пропишани во А-интегрираната еколошка дозвола. После 2 часа доставени се резултатите до Државниот Инспекторат за животна средина каде е констатирано дека од излезен базен 4 PH изнесува 7,31, а Fe е 4,08 мг/л, а AGW1–шахта PH изнесува 6,65, а Fe е 4,41 мг/л и тие се во граничните вредности.Исто така, наложено е по добивањето на резултатите од анализата на водата од акредитираната лабораторија, истите да се достават до Државниот Инспекторат за животна средина“, се вели во соопштението.
Исто така извршен бил и вонреден инспекциски надзор во правниот субјект „Макстил“ АД Скопје при што се констатира дека погон Челичарница не работи, а погон Валавница за дебел лим работи.
„Со претставници од правниот субјект посетена е пумпна станица Ј-42 каде што вишокот на отпадна вода оди во колекторот и продолжува во одводниот канал. Присутните изјавија дека при производствениот процес немале никакви проблеми. На самата пумпна станица Ј-42 поседуваат континуиран мерач за мерење на проток, температура и PH на водата која оди во колекторот. По барање на Инспекторатот доставени се резултати од континуираниот мерач кои се во граничните вредности. Присутните лица изјавија дека од социјалните мрежи имаат разбрано за обојувањето на водата во река Вардар и веднаш (на 09.04.2020 година) самите зеле проба на вода од пумпна станица Ј-42 и ја доставиле во акредитираната лабораторија –„Техничка контрола“ да извршат целосни анализи согласно А-интегрираната еколошка дозвола, како вонредни анализи, иако редовните анализи се направени на 06.04.2020 година. По добивањето на резултатите од акредитираната лабораторија–„Техничка контрола“ од 06.04.2020 година и од 09.04.2020 година, им беше наложено, истите да се достават на увид до Државниот Инспекторат за животна средина.
Во комплексот Железара извршен е и вонреден инспекциски надзор во ЕСМ-Енергетика кој е во редовно функционирање за производство на топлинска енергија и нема континуирано испуштање на отпадни води од работен процес и немал проблеми со испуст на истите, додека двете асфалтни бази кои се со А-Интегрирани Еколошки Дозволи на ЈП Улици и Патишта и БАУЕР БГ од својот работен процес не испуштаат отпадна вода. Правните субјекти „Скопски легури“ и „РАД КОМ“ кои се наоѓаат во истиот не работат години наназад“, се додава во соопштението.