Велигденските празници во Италија годинава ќе бидат одбележани со општи карантински мерки, во изолација, под строга контрола на копно и на море, со набљудување со беспилотни летала и хеликоптери за да се избегне собирање на луѓе за празникот среде пандемијата на вирусот Ковид-19, кој однесе повеќе од 18.000 животи.
Жителите на Италија го пречекаа Велики петок со блокади, а Велигден ќе го одбележуваат без јавни собири како што е прославата на тој христијански празник во Ватикан, додека поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско, ќе им се обрати на верниците преку телевизија и интернет.
Италијанскиот тенор Андреа Бочели ќе настапи в недела во празната миланска катедрала, што ќе го следат луѓето од целиот свет на интернет, а според Бочели, тоа нема да биде концерт, туку можност за заедничка молитва.
Во Италија, во текот на изминатите неколку дена, има бројни случаи на кршење на мерките што ги воведе италијанската влада – според податоците повеќе од 10.000 прекршители за еден ден, поради што Министерството за внатрешни работи на земјата планира засилени контроли на сите патишта преку кои се излегува од градовите, како и викенд-населби, одморалишта, на сите подолги патишта и на автопатите
Најавени се широко распространети контролни пунктови, контрола од воздух со дронови и хеликоптери, а на море со патролни бродови за да се избегнат излети со чамци и бродови.
Според мерките воведени во Италија за да се спречи ширењето на вирусот, сите граѓани мора да бидат во своите домови освен во случај да одат да купат намирници, во аптека, на лекар или да работат.
Сепак, италијанската влада го оневозможи и последниот „изговор“ за граѓаните да ги напуштат своите домови за Велигден и Велики понеделник, бидејќи сопствениците на супермаркетите и другите прехранбени продукти ќе бидат обврзани да ги затворат своите продавници в недела и понеделник.