Правиме сѐ што можеме за да го заштитиме здравјето на мигрантите на островите, тоа е наша обврска и кон нив и кон локалното население, рече алтернативниот Министер за азил и миграција на Грција Јоргос Кумуцакос за време на брифингот, преку видеоконференција со странските дописници во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во бегалските кампови во Грција, досега, регистрирани се 28 заразени лица со Ковид-19 во прифатните центри Рицона и Малакаса во близина на Атина.
-Тоа што немаме позитивен случај на островите, може да е среќа, но и резултат на политиката, истакна Кумуцакос.
Рече дека сега, на островите нема нови пристигнувања, но како ќе се подобрува времето, Грција треба да биде подготвена за евентуални нови бранови, а особено во период на пандемија на Ковид-19, треба да биде подготвена и за најлошото сценарио.
Објасни дека Бегалците и мигрантите кои ќе пристигнуваат на островите ќе треба да се ставаат во 14-дневен карантин, а тоа значи дека ќе бидат потребни и нови простори,
-Во овој момент се обезбедуваат нови простори, на Хиос и на Лезбос, но и на другите острови, позитивно се развиваат разговорите со локалните власти за да имаме простори за карантин. Доволни се? Никогаш не се доволни. Бидејќи ниту бројот на пристигнувања е познат, ниту ритамот на пристигнувања. Се надеваме на помалку пристигнувања од лани, истакна Кумуцакос и објасни дека е особено важна и помошта од други земји, а како пример ја спомена Австрија која ќе испрати 181 монтажен контејнер за сместување, кои доколку е потребно ќе се користат и за изолација на евентуалните случаи на коронавирусот.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, преку видеоконференцијата ги информираше странските дописници во Атина и за започнатите процедури за префрлувањето на децата бегалци без придружба во европските земји.
Следната седмица, 12 деца без придружба, од островите ќе заминат за Луксембург, а во следниот период планирано е уште 50 да бидат префрлени во Германија.
Досега, меѓу земјите кои изразиле интерес за прием се Швајцарија, Франција, Финска, Србија, Белгија, Литванија, Хрватска, Ирска и Бугарија.
Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Кумуцакос рече дека во овој момент во Грција има 5240 деца бегалци без придружба.