Вакцина против Ковид-19 би можела да биде готова уште во септември, според професорката на универзитетот Оксфорд, Сара Гилберт.
Гилберт вели дека е 80 проценти сигурна оти вакцината што ја развил нејзиниот тим ќе биде ефикасна, пренесува „Скај њуз“.
Tимoт на Оксфорд е дел од глобалниот напор да се пронајде вакцина против вирусот кој одзеде над 100.000 човечки животи ширум светот.
Професорката додаде дека тестирањето на луѓе ќе започне во наредните две недели и дека таа ќе работи седум дена во неделата за да ја подготви вакцината што е можно поскоро.
„Мислам дека е многу веројатно дека ќе успееме врз основа на други работи што ги направивме со овој вид на вакцина. Околу 80 проценти, тоа е мое лично мислење“, рече Гилберт за магазинот „Тајмс“.
Претходно неделава, истражувачите од Универзитетот во Саутемптон соопштија дека откриле оти вирусот има слаба заштита, што значи дека вакцината би можела полесно да се развива.
Велика Британија е водечка земја во финансирањето на вакцината и минатиот месец во меѓународниот фонд додаде 210 милиони фунти – што беше најголем придонес за истражувањата во тој период . Владата, исто така, соопшти дека е подготвена да купи милион единици ако тестовите се покажат успешни.
Сепак, и покрај оптимизмот од Оксфорд, други производители на вакцини велат дека може да мине и цела година пред вакцината да биде подготвена за дистрибуција.