Од почетокот на вонредната состојба во нашата држава прогласена заради вирусот „Ковид – 19″, основното училиште „Рајко Жинзифов” од населба Драчево, преку онлајн далечинско учење реализираше богата наставна програма.
Учениците од училиштето со помош на наставниците и своите најблиски, изминатиов период во домашни услови имаа онлајн часови по сите наставни предмети. Од планираните активности за првоодделенците, од проектот „Заедничка грижа” се одржа видео час по физичко образование со поддршка од родител на ученик, инструктор по аеробик и педагог по физичко и здравствено образование во детска градинка.
По повод Светскиот ден на здравјето петтоодделенците сликаа на тема: „Како се грижам за моето здравје”.
Училиштето реализираше активности за идната професионална ориентација на учениците од деветто одделение. Покрај ова, децата имаа и воннаставна активност. Тие со преубаво изработени креативни маски го одбележаа Денот на шегата.
Учениците наставните содржини ги усвојуваат преку разни електронски алатки. Се вршат презентации во PowerPoint, видео-предавањата се одвиваат преку конференцискиот сервис за видео и аудио комуникација Zoom. За учење од далечина се служат и со: Edmodo, Google Drive, Google Classroom, Dropbox, Skype и Google Duo. Учениците учат лекции од едукативната програма „ТВ Училница”, од снимените часови поставени на националната веб платформа eduino.gov.mk, а за полесно совладување на содржините по математика ја користат онлајн платформата JetMinds.
Наставниот кадар на училиштето „Рајко Жинзифов” кое е симбол на пријателството на Кина и Северна Македонија ќе продолжи со работните активности се до завршувањето на вонредната состојба.
Општина Кисела Вода на сите наставници, родители, старатели, баби и дедовци на учениците, им благодари за вклученоста во воспитно образовниот процес.