Серијата информативни видеосесии со наслов „КОВИД-19, прашања и одговори”, во чии рамки се одговараат актуелни прашања поврзани со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 во земјата, денеска продолжи со прашања и одговори за социјалните мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија.
На видеосесијата заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ појаснија детали поврзани со конкретните уредби кои се однесуваат на корисниците на социјална заштита, лицата од неформалната економија и тие кои останале без приходи.
Работниците не треба да прифаќаат какво било условување од работодавачите поврзано со исплата на плата. Со вториот сет мерки за справување со економските последици на кризата предизвикана од коронавирусот, предвидена е директната помош од 14.500 денари за месеците април и мај, за исплата на вработените во фирмите погодени од кризата. Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат да изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени. Заменик министерот Бајрактар посочи дека во случај кога газдата ги условува работниците дека ќе им ја исплати утврдената плата за април и мај но, само ако потпишат спогодбен отказ, она што треба да го направат работниците е да пријават во Државен пазарен инспекторат.
Од аспект на заштита на работниците, многу е важно работниците да не потпишуваат спогодбен отказ од работа, нагласи Бајрактар. Ако има спогодбен престанок на работен однос, на лицето не му следува паричен надоместок и со тоа работникот се доведува во состојба ем без плата ем без можност да оствари паричен надоместок преку Агенцијата за вработување. Затоа, на работодавачите им се препорачува, во овој период, доколку немаат друга можност и се принудени да го отпуштат работникот, тоа нека го направат преку технолошки вишок.
Бајрактар, додаде дека секое лице кое не е вработено, доколку сака да биде евидентирано како невработено лице, треба да се пријави во Агенцијата за вработување на РСМ, односно во центарот за вработување според местото на живеење. Невработените лица, кои согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност ќе се стекнат со право на паричен надоместок, остваруваат и право на здравствена заштита, а останатите невработени лица за остварување право на здравствена заштита треба да се обратат до Фондот за здравствено осигурување.
Што се однесува пак до тоа кому му следува паричен надоместок а за кого е наменета гарантирана минимална помош, Бајрактар рече дека граѓаните кои останале без работа имаат право на паричен надоместок во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, доколку претходно биле во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж. Граѓаните треба да го поднесат барањето до Центарот за вработување во местото каде живеат.
За оние работници што останале без работа а немале стаж од 9 месеци, или биле дел од неформалната економија, за нивните домаќинство е предвидена гарантирана минимална помош (ГМП). Со новата уредба со законска сила, за добивање минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци, укажа Бајрактар.
Поврзано со платеното отсуство од работа на еден родител на дете до 10 години или активно 4. одделение, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ одговори дека постапката е за регулирање на отсуството е едноставна. Со потврда дека детето редовно посетува градинката или училиште и лична писмена изјава на родителот дека тој ќе се грижи за детето.
„Сметаме дека и во јавниот и во приватниот сектор оваа мерка се имплементира без посебни потешкотии. Секаде каде има прекршување, ги упатуваме работниците да се обратат до Државниот инспекторат за труд”, посочи Шкријељ.
Родителите можат и наизменично да ја користат мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до 10 годишна возраст.
Освен лична писмена изјава која родителите треба да ја достават до секторите за човечки ресурси во компаниите каде работат, по завршувањето на времените мерки треба да доставите и потврда издадена од градинките/училиштата соодветно за периодите кој родител кога ја користи мерката.
За мајките чие породилно отсуство истекува од 18-ти март, Владата донесе мерка за пролонгирање на платеното отсуство од работа, се до истекот на траење на времените мерки. Продолжувањето на породилното отсуство се регулира преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.