Со новата одлука на албанската Влада, од денеска полицискиот час во работните денови ќе трае покусо од досега за четири и пол часа, односно наместо од 13:00 ќе почнува во 17:30 часот и ќе трае до 5:00 часот.
За половина чес се зголемува и дозволеното време за пазарење и сега членот од семејство кој има дозвола за излез ќе може да остане надвор и да ги купи потребните намирници за час и половина. И понатаму останува целосната забрана за излез од дома на пензионери, односно повозрасни лица.
Од денеска, дел од бизнисите на кои им беше дозволено да работат и по прогласувањето на вонредната состојба, наместо до 13:00 ќе работат до 17:30 часот.
Инаку,со последната одлука полицискиот час за викендот ќе почне во петок од 17:30 часот до понеделник во 5:00 часот, што значи зголемување за еден ден споредено со претходните три викенди.Тогаш нема да работат ниту аптеките. Единствено исклучок ќе се прави за транспортот
на стока, полицијата, брзата помош и медиумите.
Албанија на 25 март, кога беа дијагностицирани 123 заразени и петмина починати, прогласи вонредна состојба поради „природна катастрофа”на целата територија на земјата во период од 30 дена.
Забрани групни собирања, воведе полициски час од 13:00 до 5:00 часот, а од деветти март кога беше регистриран првиот случај со Ковид-19 ,го забрани воздушниот и поморскиот сообраќај. Неколку денови потоа ги затвори и сите гранични премини.