Мицкоски: Долгот на државата можно е да отиде над 65%, а во буџетот недостасуваат повеќе од една ипол до две милијарди евра

Во вестите на Телевизија Алфа, вклучување имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што посочи дека се можни три сценарија за економската состојба во Република Македонија. Долгот на државата може да оди дури и над 65% од БДП.

„Видете јас не ги споменав тие три сценарија случајно бидејќи тие три сценарија на 1-ви април на прес конференција ги презентираше надлежниот ресорен министер, Нина Ангеловска. И она во тие три сценарија кажа дека очекуваат намалување на приходната страна во буџетот и да се движи од минус 20 преку минус 30 до минус 40 проценти. Односно дека првично планираниот дефицит од 300 милиони евра можно е во најблагото сценарио да се зголеми за дополнително 700 милиони, во второто сценарио околу една милијарда и во третото сценарио околу една милијарда и 300“, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека кога ќе се додадат и 300 милиони евра веќе првично планирани тогаш во приходната страна на буџетот во еден момент ќе недостасуваат во зависност од кое сценарио ќе се случи од милијарда до една милијарда и 600 милиони евра.

„Вие мора некако да најдете пари од екстерни извори бидејќи така рече Зоран Заев – „Пари ќе бараме надвор“. Иако сега удира по џебот на граѓаните со зголемување на акцизата,  но еве ќе сме барале пари надвор. Вас во еден монент ќе ви недостасуваат повеќе од една ипол до две милијарди евра. И тоа само да можете да ги сервисирате задолжувањето од минатото и да го покриете дефицитот во буџетот. Без да имате било каква поддршка за стопанството. Тука е неминовно зголемување на јавниот долг од овој степен кој што е сега, а тоа е ако го земеме пресек 31 декември 2019-тата околу 49%, попрецизно 48,9% до најмалку 65%. А, може и да дојдеме до 70% од БДП. Затоа ни е неопходно интервенција и тоа сериозна интервенција во расходната страна во овие ставки во кои што зборуваме“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека е добро што уште една мерка ја прифатија која произлегува од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа значи дека полека, полека прифаќаат од она кое што ние како опозиција, им го нудиме. Во текот на вчерашниот ден видовме дека три политики кои што ги понудивме ги прифаќаат. И Народната Банка прифаќа мерка да ослободи од ликвидност и истата очекувам од министерството за финансии да ја запише. Така што тоа е еден начин како во овие први ударни три месеци кога е пикот на пандемијата, и кога стопанството не работи да му се помогне, за да остане живо“, истакна Мицкоски.

„Ако вака продолжат да ја водат тврдоглаво политиката не би ме чудело да излезе некој преставник на владата или ресорниот министер Нина Ангеловска, или можеби Зоран Заев после процесот на самоизолација со некоја брилијатна идеја да посегне и по пензиите на пензионерите исто како што се обидо да посегнат и по примањата на вработените во администрацијата“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека политиките на СДСМ и владата се пиши – бриши. Но затоа тука е ВМРО-ДПМНЕ да апелира и да се бори да не дојде до посегнување по пензиите на пензионерите.

Треба да знаете
Последни објави