„Денеска е веќе забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот, касарните започнаа да даваат поддршка на општините, кои бараат таква поддршка. Денеска, може да се види дека и во Прилеп и во Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред сè влијае на одржување и обезбедување на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот”, подвлече Шекеринска.
Министерката рече дека иако мерките го усложниле секојдневното живеење, тие мора да се почитуваат затоа што се за колективно добро.
„Задачата на Армијата и на припадниците, денеска во Прилеп не е за да се создаде страв, туку почитта која ја уживаат кај граѓаните да помогне при создавањето на ред. Сакам да ѝ честитам на општината, која е можеби прва во државата која ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата”, рече Шекеринска
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ги истакна мерките за поддршка на транспортниот сектор се со цел транспортот да нема застој и навреме да се обезбедуваат сите неопходни материјали за работи во фирмите и секако продуктите за граѓаните.
Сугарески нагласи дека во делот на градежништвото исто така е продолжена важноста на сите лиценци и овластувања се со цел непречено функционирање на градежниот сектор. Во оваа насока Сугарески нагласи дека ова е многу важно, бидејќи капиталните инвестиции се од исклучителна важност за да може градежништвото да се одржи на едно ниво и во вакви услови.
„Морам да спомнам дека проектите за изградба и рехабилитација на патиштата, канализациите и водоводите тече нормално, нема поголеми застои во нивната реализација и очекуваме така да продолжи и во наредниот период. Плаќањата кон фирмите во градежниот сектор се одвиваат навремено што е многу важно за да можат и државата и фирмите заедно да ја пребродат оваа криза”, додаде Сугарески.
Денешната посета на Прилеп е дел од серијата средби со локалните кризни штабови и е со цел да се направи увид на терен за да им помогне на локалните самоуправи согласно активностите на централната власт, за да им се излезе во пресрет на граѓаните, но и за да се добијат реалните информации од терен за поефикасно спроведување на мерките.