Околу 4.000 германски туристи кои се заразиле со коронавирусот се приклучија кон тужбата на Здружението за заштита на потрошувачи (ВСВ) против австрискиот скијачки центар Ишгл.
На властите на Ишгл и на покраината Тирол им се забележува дека свесно реагирале доцна на избувнување на инфекција на коронавирус и дека се обиделе да ја прикријат опасноста за да ја продолжат сезоната на скијање.
Според „Дојче веле”, 4.000 Германци кои се заразиле во градот, се приклучиле на колективната тужба.
Претседателот на ВСВ Питер Колба, поднесе пријава до Обвинителството во Тирол, кое мора да го испита случајот и да одлучи дали постои основа за обештетување на засегнатите.
Колба потенцира дека имало финансиски и политички мотиви да се одложи, што е можно повеќе, прекинот на сезоната на скијање.
– Економските причини се јасни. Треба само еднаш да се запрашаме колку пари му носи еден ден скијање на Ишгл. Врз основа на ова, може да се замисли некој да побара продолжување на сезоната за уште два дена, рече Колба.
Претходно беше соопштено дека Австрија се соочува со групна тужба од околу 2.500 туристи, поради лошиот пристап за време на пандемија на коронавирусот, во популарниот австриски скијачки центар Ишгл во Тирол. Скијачкиот центар Ишгл е веќе под истрага од локалните власти во Инсбрук, откако стотици случаи биле поврзани токму со тој скијачки центар.