Тага, надеж и стрес се чувствата што преовладуваат кај Грците, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата за рејтинг „Prorata”, додека пак половина од анкетираните се песимисти за квалитетот на нивниот живот и нивната финансиска состојба по завршувањето на кризата, согласно истата анкета, но и според истражувањето на „MRB” за телевизијата „Стар”, јави дописничката на МИА од Атина.
Истражувањето на „Prorata” , спроведено од 31 март до 1 април 2020 година е посветено на психологијата на Грците за време на карантинот, а од 2.550 анкетирани, 52 отсто велат дека поради коронавирусот нивното расположение е влошено, додека пак 41 процент се со исто расположение.
Шест од десет се под стрес да не се заразат тие или некој од нивните блиски, а 51 процент велат дека сигурно/веројатно ќе им биде полош животот по укинувањето на рестриктивните мерки, наспроти 28 отсто кои одговориле дека сигурно/веројатно ќе биде подобар.
Во анкетата на „MRB” за телевизијата „Стар”, во која учествувале 700 лица, 47 проценти од испитаниците очекува личната финансиска состојба да се влоши.
На прашањето „Што е она што сакате да го направите кога ќе заврши кризата со коронавирусот”, 35 отсто одговориле дека сакаат да одат на фризер/бербер, 28 проценти да одат на одмор во внатрешноста на земјата, 20 проценти да купат облека и обувки.