Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе предлог за издавање казнен налог за лице поради лажно пријавување на кривично дело.
За стореното дело, обвинителството му предложи на Основниот суд во Кавадарци на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 30 евра во денарска противвредност, односно вкупно 3.000 евра во денарска противвредност.
„Обвинетиот на 2 април 2020 година преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук лажно пријавил дека е сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик, иако знаел дека тоа не е така. Имено, тој во објавата истакнал дека истиот ден син на функционер од едно јавно претпријатие од Скопје, за време на полицискиот час е приведен во полициска станица во Кавадарци. Едновремено, обвинетиот во објавата истакнува дека началникот на полициската станица во Кавадарци нема да постапи во предметот. Со тоа обвинетиот иницира Основното јавно обвинителство Кавадарци да отвори предмет по допрен глас и да изврши проверки, со кои утврди дека настанот е заведен истиот ден во книгата за дневни настани и уредно е поднесена кривична пријава за сторителот до Основното јавно обвинителство Кавадарци“, велат од Обвинителството.