Собранието на Косово денеска треба да одржи пленарна седница, на која единствена точка на дневниот ред е предлогот за еокономски и финансиски мерки кои треба да ги преземе државата во услови на епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Седницата, што треба да се одржи со почеток во 11 часот, е свикана на барање на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), која предлага пакет ургентни мерки во вредност од 320 милиони евра, предвидени првенствено за поддршка на приватните бизниси што се соочуваат со проблеми во работењето, како последица на владините мерки за спречување на ширењето на заразата.
Во соопштението на собраниската служба за информирање се наведува дека, поради пандемијата, денешната седница ќе биде затворена за новинарите, меѓутоа граѓаните ќе можат да ја следат преку директен телевизиски пренос.