Германските здравствени власти побараа медицински квалификувани мигранти да им се придружат во борбата против коронавирусот.
Се поголем број на лекари и медицински сестри се разболуваат и се наоѓаат во карантин, па недостигот на медицински персонал врши притисок врз здравствените власти.
Владините иницијативи веќе го зголемија бројот на легла за интензивна нега од околу 24.000 на 40.000, повеќето од нив со респиратори. Персоналот се преквалификува и сите операции кои не се од животно значење се откажани.
Сепак, на системот му требаат повеќе луѓе. Институтот „Роберт Кох“, кој ја советува владата за јавното здравство, рече дека 2.300 лекари се во карантин или се болни.
Саксонија предничи кога станува збор за повик за помош од странски лекари, вклучително и бегалци. Според фејсбук-групата „Сириски лекари во Германија“, околу 14.000 Сиријци чекаат дозвола за работа.
Оваа германска покраина со нешто повеќе од четири милиони жители не е толку критично погодена од епидемијата. Скоро 4.000 луѓе биле заразени, а 76 починале, но ситуацијата е под контрола.
Еден од лекарите кои би можеле да се приклучат на тимот е Сафван Аднан Али, кој пристигна од Сирија во јули 2016 година. Студирал општа хирургија во Латакија, а потоа се преселил во Ирак. Откако пристигнал во Германија, тој го учел јазикот и се подготвувал за испити.
„Го чекав испитот, но потоа пристигна коронавирусот и сè запре. Кога беше објавен овој апел … помислив дека навистина сакам да помогнам, да направам нешто корисно и би сакал да и дадам нешто на земјата која многу ми помогна, па затоа веднаш го испратив CV-то“, рече тој.