Запирањето на американската економија и трошоците поврзани со епидемијата на коронавирус ќе го зголемат за речиси четири пати буџетскиот дефицит на САД.
Дефицитот би можел да достигне 3,8 трилиони американски долари оваа година, што е 18,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП), соопшти денеска Комитетот за одговорен федерален буџет, тинк-тенк група од Вашингтон.
Невладината организација предвидува дефицит од 2,1 трилиони американски долари за финансиската 2021 година и просечен дефицит од 1,3 трилиони американски долари до 2025 година. Овие проценки се објавени три дена откако Министерството за финансии на САД објави буџетски дефицит од 744 милијарди долари за првите шест месеци од фискалната 2020 година, што ќе заврши во септември.
Проекциите на Комитетот за одговорен федерален буџет, се засноваат и на хипотезата за стабилно економско закрепнување во 2021 година и враќање на економската траекторија што преовладуваше пред епидемијата до 2025 година. Врз основа на оваа хипотеза, државниот долг ќе биде 107 проценти од БДП на крајот на оваа фискална година, што е повеќе отколку на крајот на Втората светска војна. Побавно од очекуваното опоравување на економијата може да го зголеми долгот до 117 проценти од БДП до 2025 година, соопшти тинк-тенк групата. Рекордот за годишен буџетски дефицит во САД е 1,41 трилиони американски долари во 2009 година.