Од островите Лезбос, Самос и Хиос 12 деца бегалци без придружба утре заминуваат за Луксембург, со што и официјално започнува реализацијата на европскиот план за релокација на 1.600 деца од Грција во членки на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
За сабота, планирано е 50 деца без придружба од Грција да заминат за Германија.
По договорот меѓу алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос и министерот за надворешни работи, миграција и азил на Луксембург, Жан Аселборн, од атинскиот аеродром, утре наутро ќе заминат 12-те деца.
Кумуцакос, во четвртокот, преку видеоконференција ги информираше странските дописници во Атина и за започнатите процедури за релокација на децата згрижени во Грција, објасни дека досега, меѓу земјите кои изразиле интерес за прием се Швајцарија, Франција, Финска, Србија, Белгија, Литванија, Хрватска, Ирска и Бугарија, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека во овој момент во Грција има 5.240 деца бегалци без придружба.