Нетанјаху и Ганц постигнаа значителен напредок во преговорите за влада на Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот главен ривал, Бени Ганц, рано утрово објавија дека постигнале „значителен напредок” во напорите за формирање заедничка влада за борба против кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот и се согласија да ги продолжат преговорите откако на полноќ истече крајниот рок за формирање влада.

Заедничкото соопштение предизвика надеж дека долгогодишната политичка парализа може да заврши и да се избегнат четврти парламентарни избори во Израел за нешто повеќе од една година.

Во заедничкото соопштение конзервативната партија Ликуд на Нетанјаху и партијата на центарот на Ганц Сино и бело, наведоа дека побарале од израелскиот претседател Рувен Ривлин да им даде повеќе време „за да ги завршат преговорите за формирање национална вонредна влада”.

Ривлин се согласи да ги продолжи преговорите до полноќ во среда уверен дека постигнувањето договор е многу близу.

Преговорите, како што е најавено, продолжуваат и денеска.

Во Израел во март беа одржани трети избори за помалку од една година, откако во првите две рунди немаше јасен победник.

Изборите во март исто така не беа одлучувачки, но претседателот Ривлин му даде мандат на Ганц да формира влада и крајниот рок беше до понеделник на полноќ.

Доколку Нетанјаху и Ганц не успеат да постигнат договор, израелскиот Парламент ќе има три недели да избере кандидат за премиер.

Во случај ова ни тоа да не успее, ќе има четврти избори за нешто повеќе од една година, што никогаш не се случило во историјата на Израел.

Треба да знаете
Последни објави