Сопственикот на Далас, Марк Кубан, предложи промена на драфтот во најсилната кошаркарска лига на светот – НБА.
– Би сакал да го проширам бројот на рунди во драфтот од две на три или на четири. Треба да им дадеме повеќе можности на младите кошаркари. Да го зголемиме бројот на рунди и момците ќе имаат повеќе места во лигата. Покрај тоа, зошто да не дозволиме оние што не се избрани да можат да се вратат на универзитет? – изјави Кубан.
Драфтот во НБА е годишен процес за избор на нови кошаркари од страна на триесет лига клубови. Најчесто станува збор за дипломирани студенти на американските универзитети, но меѓу нив има и претставници од странство.
„Трејдувањето” се состои од две рунди во кои клубовите се одлучуваат за понудените играчи по однапред утврден редослед за бирање.