Во рамките на проектот за Локална и регионална конкурентност (ПЛРК), Општина Чаир аплицираше со под-проектот „Промоција на чаршиски туризам во Општина Чаир”. Сите активности на под-проектот предвидуваат клучни инвестиции во масовна туристичка дестинација со цел зголемување на привлечноста на Старата Чаршија и нејзино промовирање како главна туристичка дестинација во градот за потребите на туристите.
Под-проектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица Битпазарска како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Стара Чаршија која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење „Службен Весник на Република Северна Македонија” бр. 130/08.
Една од главните активности на проектот е и реновирање на 39 дуќани лоцирани во Стара Чаршија. Општина Чаир предложи замена на старите излози со нови излози што би го вратиле автентичниот изглед на чаршијата. Фактичката состојба не е поволна затоа што фасадата и излозите на голем број дуќани во туристичката дестинација се дотраени или заменети со излози од ПВЦ материјал или алуминиум. Овие користени материјали ја девалвираат вредноста на автентичната структура на Стара Чаршија и ја менуваат планираната содржина и изглед на чаршијата.
Санација на калдрма – со текот на времето настанати се оштетувања на калдрмата на улицата. Оштетувањата се настанати од повеќе фактори: метеоролошки влијанија, моторен сообраќај, недоволен капацитет на каменот и парцијални ископувања на улиците. За таа цел проектот предвидува санација на калдрмата во главната улица (во должина од 200м или вкупно 2240м2). Сите градежни материјали кои се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменичка целина: „Стара Скопска Чаршија” се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски Центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство.
Законот за Прогласување на Стара Скопска чаршија за културно наследство од особено значење („Службен Весник на Република Македонија” бр. 130/08) ги уредува клучните аспекти на заштита на споменичката целина и врши идентификација на односното добро, во поглед на неговиот назив, категорија и режим на заштита, и др.
Поради овие причини Владата на Република Северна Македонија формираше Национален Совет за ревитализација на Стара чаршија кој изготви и Програма за ревитализација на Стара Скопска Чаршија (ССЧ) која содржи идентификација на сегашна состојба и насоки и мерки за ревитализација на Старата Скопска Чаршија.
Една од главните констатации на постојната состојба на Стара Чаршија (стр. 33 од Програмата за ревитализација на Стара Чаршија) точка 1.1.4, сопствениците нестручно интервенираат во екстериерите, ентериерите и во употребата на градежните материјали во објектите и на овој начин го нарушуваат автентичниот изглед на Чаршијата.
Донесувањето на Законот за прогласување на Старата Скопска Чаршија за културно наследство во 2008 година претставува вистински чекор и израз на оперативна намера за промена на состојбата во позитивна насока и е од особено значење. Донесувањето на Програмата за ревитализација произлегува од овој закон и треба да претставува документ што треба да ги поттикне активностите во таа насока.
Министерството за култура на Република Северна Македонија и Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) се одговорни за заштита на неподвижното и движното културно наследство во Република Северна Македонија. Управата за заштита на културно наследство и Национална Установа Конзерваторски Центар – Скопје соработуваат во врска со конзервација и развој на културно наследство, како на пр. надлежност да постапат законски, да изведуваат и да вршат функции во врска со конзервација и пристап до културното наследство.
Во согласност со Законот за заштита на Стара Чаршија, член 9, Националната установа – Конзерваторски центар – Скопје е одговорна за преземање на заштитно конзерваторски мерки за секоја активност во Старата Скопска Чаршија. Управа за заштита на културно наследство издава одобрение врз основа на претходно издадени конзерваторски услови од страна на Национална установа Конзерваторски центар – Скопје како дел на техничка документација. Конзерваторските услови содржат текстуална, графички и документарна презентација на заштитените подрачја и обезбедуваат релевантни информации за планирање и регулирање на заштитеното културно подрачје.
За потребите на проектот поднесен од Општина Чаир до Локална и регионална конкурентност (ПЛРК) Конзерваторски Центар – Скопје, изготви конзерваторски услови посебно за секој дуќан и за калдрмата. Врз основа на конзерваторските услови изработен е Основен проект за конзервација и реставрација на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија и калдрмата од Општина Чаир, за секој објект поединечно. На истите е извршена стручна контрола од надлежната установа НУ Конзерваторски центар – Скопје. Општина Чаир до Управата достави барање за добивање на Конзерваторско одобрение за конзервација и реставрација на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија, за секој објект поединечно. Врз основа утврдената фактичка состојба по увидот во доставената документација, основниот проект и извештајот за извршена стручна контрола, за исполнетоста на условите, согласно член 87 од Законот за заштита на културното наследство Управата издаде Конзерваторски одобренија за изведување на работите на непосредна заштита на излозите ви Старата скопска чаршија
Управата за заштита на културно наследство по службена должност достави Барање до Национална установа – Конзерваторски центар – Скопје надлежната установа за заштита на културно наследство за определување на Заштитно конзерваторски услови за секој од понудените дуќани и за дел од калдрмата на улица Битпазарска.
НУ Конзерваторски центар – Скопје излезе на терен да ја сними постојната (фактичка) состојба и врз база на условите што се пропишани во согласност со Законот за заштита на културното наследство за Старата скопска чаршија определи Заштитно конзерваторски услови за 39 дуќани и за наведената делница на калдрмата што ги достави до УЗКН.
Управата по добиените мислења за конзерваторски услови за овие дуќани донесува решение за заштитно конзерваторски услови за секој поединечен објект и го достави до општината. Општина Чаир на овој начин се стекна со право да ја продолжи постапката која подразбира по добиеното Решение за заштитно конзерваторски услови да изработи проект. На изработениот проект, Конзерваторски центар – Скопје изработи Извештај од стручна контрола на проектот, а УЗКН издаде Конзерваторско одобрение за секој дуќан и за калдрмата.
Имајќи го предвид погоренаведеното, ве информираме дека се запазени сите процедури за заштита на автентичноста на Старата Скопска Чаршија и градежната активност која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност се одвива во согласност со позитивните правни норми за зачувување на автентичноста на Старата Скопска Чаршија.