Дури 34 лица се заразени со коронавирус по настапот пред празен аудиториум во познатиот московски Бољшој театар, јавуваат странските медиуми.
Масовното заболување се случило кога балетската трупа извела претстава во живо на руската државна телевизија. Публиката, се разбира, не била присутна, со оглед дека во оваа земја постоеше забрана за движење. Во Русија досега се забележани 21.102 случаја на Ковид-19, како и 170 смртни случаи.
Генералниот директор на Бољшој театарот, Владимир Урин, изјави за ТАСС дека сите биле тестирани на коронавирусот и дека 34 лица биле позитивни на тестот.
„Без исклучок, целиот персонал на Театарот, вклучително и безбедноста и инженерите, беа тестирани на коронавирусот два дена пред настапот. Се утврди дека 34 лица се позитивни. Немаа треска или какви било симптоми, но сите се суспендирани од работа и пратени во карантин“, рече тој.
Неколку стотици луѓе што работеле на настапот биле негативни на тестот неколку дена пред настапот, кој требало да се одржи во знак на благодарност до сите медицински работници и работници за итни случаи, како и волонтерите, кои се на првата линија во борбата против короната.
Сепак, при организацијата очигледно не се почитувало правилото за социјална дистанца.