Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк Ендру Куомо денеска изјави дека нема да почитува ниту една од наредбите на претседателот Доналд Трамп, кои се однесуваат на повторно отворање на државата на начин што не е безбеден за здравјето на луѓето за време на епидемијата на коронавирусот.
– Ако тој нареди да ја отворам државата на начин што може да го загрози јавното здравје на луѓето во државата, јас нема да го сторам тоа, изјави Куомо за Си-Ен-Ен.
Трамп вчера рече дека претседателот на САД има апсолутна моќ кога е во прашање одговорот на пандемијата и оти гувернерите на сојузните држави не се прашуваат за тоа.
– Овластувањата на претседателот по тоа прашање е апсолутно и така мора да биде. Тие гувернери го знаат тоа. Има неколкумина од тие демократски гувернери кои не се согласуваат со тоа, но ќе се согласат, изјави Трамп.
Си Ен Ен веднаш објави дека согласно Уставот, претседателот нема апсолутни овластувања и оти за тоа прашање одлучува федералната власт. За сите други одлуки, кои не се поврзани за федералната власт одлучуваат државите, објави Си Ен Ен, заклучувајќи дека Трамп лажел.
САД се најтешко погодени од новиот коронарен вирус со 587.173 заболени и 23.644 смртни случаи, а најтешка е ситуацијата во Њујорк.