Веќе трет ден бројот заразени со Ковид- 19 во Грција е намален, откако попладнево беа соопштени 25 нови позитивни случаи, наспроти 31 вчера и 33 завчера, а вкупниот број, денеска изнесува 2.170 случаи, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите 24часа животот го загубија уште две лица, вкупниот број починати од коронавирусот во Грција се зголеми на 101 лице, додека пак во земјата, анализирани се 48.798 примероци.
Н денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас и заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас се осврнаа и на важноста граѓаните да ги почитуваат мерките за време на Велигден, за да нема дополнително ширење на вирусот.
-Мислам дека се наоѓаме во многу добра фаза, се намалува ширењето на вирусот во општеството и не би сакале дополнително да се прошири вирусот и резултатите од групни собирања на луѓе, друштва, од асимптоматични, да ги видими по 10-15 дена. Во овој момент успеавме да го задржиме ширењето на вирусот на ниско ниво, рече Циодрас и додаде дека иако бројките се добри, земјата сѐ уште не е стигната до точка за укинување на мерките.
Претставникот за коронавирусот од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог, објасни дека постојат неколку параметри што се земаат предвид за олеснување и целосно укинување на рестриктивните мерки, меѓу кои: намалување на пренесувањето на вирусот во општеството; издржливост на здравствениот систем; контрола на жариштата на вирусот, како и имунитетот.
Во однос на новите дополнителни мерки, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, денеска соопшти дека на Велики петок, гробиштата ќе бидат затворени, додека пак супермаркетите ќе работат само шест часа.