Интегрален текст од видео-изјава од м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања
„Веќе извесно време Стопанската комора на Македонија укажува на значењето на брзиот проток на стоките и потребата од отворање на транспортните коридори, во услови кога заради кризата поради корона вирусот дојде до зајакнување на контролите на транспортот. Во оваа насока, деновиве се финализираа активностите на земјите-потписнички на Договорот за слободна трговија во земјите на Централна Европа, или скратено ЦЕФТА, за олеснување на трговијата и транспортот.
ЦЕФТА најпрвин одобри листа на есенцијални стоки или стоки со примарно значење. Се работи за стоки чиј брз транспорт е оценет како суштински важен во постојната здравствена криза. Тука влегуваат прехранбени производи, како и медицински производи и опрема коишто се на листата на Светската царинска организација. Деталната листа на есенцијални стоки е достапна на интернет-страницата на ЦЕФТА.
Заради важноста на овие есенцијални стоки, трговијата со нив и нивниот транспорт ќе добијат приоритет во однос на другите стоки. Тие ќе се одвиваат преку т.н. „зелени“ коридори. Тоа не значи дека ЦЕФТА не обезбедува ефикасен транспорт и на сите други стоки, меѓутоа транспортот на есенцијалните стоки добива приоритет при преминувањето на границите.
Во пракса, на граничните премини ќе постои посебна лента за превозниците на есенцијални производи како при влез така и при излез од земјите. Во функција е и Систем за електронска размена на податоци преку кој царинските служби на земјите во рамки на ЦЕФТА електронски ќе си праќаат информации за пристигнување на есенцијални стоки. Овие информации ќе доаѓаат до царинските служби пред пристигнувањето на самите стоки за да бидат царинските служби однапред подготвени и да овозможат брзо поминување на стоките. Во нашата земја „зелените“ коридори во моментов се во функција на граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан.
Со ова се заокружува иницијативата од мартовскиот состанок на ЦЕФТА за преземање регионални мерки за слободна трговија на стоки во контекст на кризата предизвикана од вирусот КОВИД 19. Активностите во кои беа вклучени претставници на царинските управи и министерствата за трговија на земјите-членки, претставници на Секретаријатот на ЦЕФТА и на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, вродија со плод.
Активирањето на „зелените“ коридори започна вчера, на 13 април. Ова се добри вести за македонските транспортери, бидејќи транспортот на есенцијалните стоки во иднина ќе се одвива побрзо и поефикасно.
Одделение за информирање