Управувањето со отпадот денес е еден од водечките еколошки проблеми низ целиот свет, дури и поакутен во Македонија. Трендот во развиените земји е намалување на количината на депониран отпад. Во хиерархијата на третманот на отпадот, предност се дава на повторна употреба на отпадот, потоа рециклирање, валоризација на енергијата и на крајот депонирање. Европските земји постигнаа релативно добар напредок во пренасочувањето на отпадот од депониите, особено кога станува збор за комуналниот отпад. Во периодот 2010-2016 година, вкупниот отпад (со исклучок на голем минерален отпад) сместен во депониите се намали за 25% во 28-те земји членки на ЕУ.
Според Евростат, до 2017 година, процентот на комуналниот отпад што се депонира во депониите се спуштил на 21,0% во 37 европски земји, со 11 држави кои ги намалиле стапките на отстранување комунален отпад за повеќе од 40%. За да влезе во ЕУ, Македонија ќе треба да се придржува кон регулативата на ЕУ во однос на управување со отпад. Македонија спроведува малку и мали активности за селектирање и рециклирање на отпадот. Поголемиот дел од отпадот завршува во неорганизирани и необезбедени депонии. Нашата земја е многу далеку од целите на ЕУ. Во моментов, има вкупно 45 депонии во осумте региони на Северна Македонија, при што секоја општина има своја депонија. Покрај тоа, постојат бројни нелегални депонии, околу 1.000, каде помалите заедници и селата во руралните области го фрлаат својот отпад. При тоа, само една депонија, Дрисла во Скопје, ги исполнува само минималните критериуми пропишани во Директивата за депонија на ЕУ, но само минимални затоа што ова е депонија само за одложување и се уште нема дел за селектирање и рециклирање. Ова значи дека ако нашата земја сака што поскоро да се приближи до европската практика, што секако ќе биде едно од клучните прашања поврзани со нашите преговори за пристапување за членство во ЕУ, мора сериозно да обрне внимание во наредниот период за решавање на прашањето за отстранување на отпадот.
Земјата треба да го смета отпадот како ресурс, а не како проблем. Затоа, потребно е да се фаворизираат и развиваат активностите за рециклирање, селекција и контролирани депонии. Без промена во управувањето со отпадот, влезот во ЕУ повторно ќе биде одложен.