Во Србија во изминативе 24 часа регистрирани се пет нови смртни случаи, двајца мажи и три жени, на просечна возраст од 69 години, со што вкупниот број на починати изнесува 99 лица, со смртност во однос на заразените од 2,03 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.
– Во изминатите 24 часа, тестирани се 2.888 лица, од кои позитивни на вирусот се повторно над 400 случаи, или 408 лица со што вкупно заразени во Србија има 4.873 лица, изјави на владината прес-конференција министерот за здравство Златибор Лончар.
Вкупниот број тестирни лица заклучно со денеска во Србија изнесува 26.278 лица.
– Во „ковид болниците” вкупно се хоспитализирани 3.245 пациенти, од кои 128 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор, истакна Лончар.
Тој додаде дека од вкупниот број на 4.873 заразени во Србија, 557 лица се здравствени работници или 11 отсто, од кои 360 лица се хоспитализирани.
Во институциите за социјална заштита и стареските домови, вкупно 243 лица се позитивни на вирусот и 32 вработени.
Досега во Србија излекувани се 165 лица по два негативни резултати од тестирањето.
– Ова не се лоши резултати. Охрабрува тоа што се намалува бројот на пациенти на респиратор. Вирусот е под добра контрола во цела Србија, освен во Ниш и Пожаревац. Овие податоци можат да одат и на подобро и на полошо, во зависност од тоа колку ќе се почитуваат препораките на струката, изјави Лончар, кој упати порака до граѓаните да бидат позитивни и да издржат уште малку за да се победи вирусот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави „дека неможе да прави исклучоци и ќе го замоли патријархот на СПЦ Иринеј велингденските служби да се одржат без присуство на луѓе.”
Тој најави дека ќе и „предложи на владата полицијскиот час за време на велингденските празници да трае 84 сата, почнувајќи од петок во 17 часот до вторник во 5 часот”.