Донациите во солидарниот фонд на Министерството за здравство за собирање седства за борбата со коронавирусот се ослободуваат од ДДВ.
Владата донесе одлука за ослободување од данокот на додадена вредност за прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисници како и прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисници остварен со донирани финансиски средства.
Прометот кој се ослободува од данок на додадена вредност со оваа уредба е со цел поедноставување и олеснување на процесот на донации остварени кон буџетски единици.
„Со цел поголемо стимулирање на потенцијалните даватели на донации кон буџетските корисници прометот остварен кон примателите на донации – буџетски корисник, се ослободува од данокот на додадена вредност со право на одбивка од претходен данок под услов давателот на донацијата да поседува потврда за примена донација од страна на примателот на донацијата“, соопштија од Владата.
Прометот на добра и услуги кој се реализира од донирани финансиски средства се ослободува од данокот на додадена вредност доколку примателот на донацијата – буџетски корисник достави изјава дека прометот се реализира со донирани финансиски средства.
Даночните обврзници исто така ќе имаат право на одбивка доколку се исполнети условите пропишани во Законот за данокот на додадена вредност.
Вршителот на прометот односно давателот на донацијата од оваа предлог уредба се должни да водат евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник-примател на донацијата.