Дваесетина европски и африкански лидери упатија заеднички апел за масовна меѓународна помош на Африка во борбата против коронавирусот.
Тие оценија дека „само глобална победа што целосно ја опфаќа Африка може да доведе до крај на пандемијата”.
Во апелот објавен во „Фајненшл тајмс”, лидерите на Франција, Германија, Јужна Африка, Етиопија и други земји повикаа на усвојување драстични мерки, вклучително и итен мораториум за сите отплати на долговите до крајот на пандемијата.
Апелот беше упатен пред денешната средба на министрите за финансии на Групацијата од 20 индустриски најразвиени земји.
Потписниците на апелот наведуваат дека се потребни напори без преседан и директно се обратија на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Треба да обезбедиме огромен поттикнувачки пакет од најмалку 100 милијарди американски долари за Африка за да ги добие потребните ресурси за борба против вирусот”, се наведува во апелот.
ММФ во понеделникот одобри 500 милиони американски долари за шестмесечно откажување на долговите на 25 најсиромашни земји во светот, вклучително и 19 африкански земји, за да помогне во борбата против пандемијата.
Африканската унија назначи четворица специјални пратеници за собирање помош и создаде платформа за да им помогне на владите на 54 земји на континентот при набавката на медицинска опрема по поприфатливи цени.
Ковид-19 е потврден кај повеќе од 16.000 луѓе од вкупно 1,3 милијарди население во Африка.