Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром нема да ги користи субвенциите предвидени за финансиска поддршка на спортисти, спортски работници и спортска администрација за време на вонредна состојба, со цел тие средства да останат во буџетот и да бидат употребени на подобар начин во борбата коронавирусот.
– Нашиот клуб, воедно, на конкретен начин се приклучи на иницијативата „ Спортисти против коронавирусот” и тоа со донација од 100.000 денари на наменската сметка, од која потоа ќе бидат обезбедени заштитни маски и опрема за здравствените работници, кои се во првиот одбранбен ред, како и средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица. Со ова уште еднаш сакаме да ја покажеме дека сме општествено-одговорен спортски колектив, кој секогаш јавното добро на сите во државата го става пред личниот интерес.
Истовремено, со нашето откажување од субвенциите и конкретната финансиска донација би сакале да ги поттикнеме и другите спортски колективи во Македонија да го следат нашиот пример и да помогнат, секој на свој начин и секој онолку колку што може. Коронавирусот е противник кој мора да се наттрча, натскока, тактички надмудри и на крајот убедливо да сѐ – победи. Ова е заедничка борба на сите нас, во која активно се вклучија сите наши кошаркари, тренери, управа и администрација со желба да покажеме солидарност и хуманост.
Овој натпревар го играме за сите наши граѓани, за самите нас, за нашите семејства, за нашите деца. Знаеме што значи тимска игра и сигурни сме дека со заеднички сили ќе го победиме и коронавирусот, стои во денешното соопштение на МЗТ Скопје Аеродром.