Околу десет илјади деца во Данска се враќаат во училиштата и градинките, бидејќи данските власти решаваат да ги отворат вратите по еден месец.
Одлуката има за цел да им олесни на родителите кои мораат да се грижат за своите деца додека работат од дома.
Училиштата мора да исполнуваат одредени стандарди, како што е задржување на растојанието помеѓу учениците, а дел од училиштата ќе бидат затворени уште неколку дена, сè додека не ги исполнат мерките. Последниот рок за отворање на училиштата е понеделник.
Сепак, многу родители се загрижени за последиците од новата одлука, донесена порано отколку во повеќето други земји.
Отворањето на училиштата е првиот чекор во планот на Данска за повторно воспоставување на нормалното функционирање во земјата. Рестораните, кафулињата, театрите, кината и трговските центри ќе останат затворени најмалку до 10 мај.
Во Данска, земја со околу 5,6 милиони жители, коронавирусот е потврден кај 6.706 лица, а 299 починале. Властите вчера објавија 193 нови позитивни случаи на ковид-19.