Околу 74 милиони луѓе во арапскиот свет се изложени на новиот коронавирус бидејќи немаат пристап до вода и сапун, предупреди денеска Економската и социјална комисија за Западна Азија на Обединети нации (ЕСЦВА).
Иако во цел свет е утврдено дека миењето раце е најдобра превенција од зараза со Ковид-19, тоа е тешко да се спроведи во регион каде 74 милиони луѓе немаат пристап до вода, се наведува во соопштението на Комисијата на ОН.
Според извештајот на ЕСЦВА, чие седиште е во Бејрут, се наведува дека 31 милион луѓе во Судан немаат мијалници и сапун, 14,3 милиони во Јемен и 9,9 милиони во Египет. Во десет од 22 арапски земји немаат пристап до вода за пиење. Околу 87 милиони луѓе во регионот на Западна Азија немаат вода за пиење во своите домови, па се снабдуваат од извори, со што дополнително се изложуваат на ризик од зараза со новиот коронавирус.
– Под итно треба да се обезбеди за сите и секаде пристап до вода за пиење и вода за одржување на хигиена, без трошоци за тие кои не можат да платат, со цел да се избегне ширењето на новиот коронавирус, изјави извршната директорка на ЕСЦВА, Рола Дашити.
Таа предупреду дека водата се користи како оружје во земјите каде има воени судири.
ЕЦСВА наведе и дека во регионот има околу 26 милиони бегалци сместени во кампови, каде се најизложени на зараза со Ковид-19 поради недостиг на вода.